Македонија

Тинејџерската бременост трипати повисока од просекот во ЕУ, потребна е поголема превенција

08.07.2024 12:44

Клиниката за гинекологија сè почесто прима млади пациентки кои имаат несакана бременост. Стапката на абортуси во нашата земја е трипати повисока од просекот на европските земји. Во поново време таблетите се подобро решение од хируршка интервенција, но проблемот е што ниту една фармацевтска компанија не ги увезува. Тендерот за набавка мора да оди преку Министерството за здравство…

Шеснаесет насто од момчињата и три проценти од девојчињата на 15-годишна возраст имале сексуално искуство. А стапката на тинејџерската бременост е речиси трипати повисока од просекот на Европската унија. Потребно е многу повеќе да се работи на превенција од несакана бременост и да се зборува на темата контрацепција, велат докторите.

Медикаментозен абортус според Светската здравствена организација сè почесто ја заменува хируршката алтернатива. Се применува дури 80 проценти во случаите во земјите од Европската унија. Во земјава е воведен од 2020-та година. Применет е кај повеќе од 2.500 пациенти.

Во земјава сè уште останува проблем набавката за таблети за медикаментозен абортус, бидејќи досега ниедна фармацевтска компанија не се јавила да помогне за регистрацијата на овие препарати, вели доктор Георгиевска. Тие се увезуваат по пат на интервентен увоз преку Министерството за здравство.

Според досегашните искуства и статистичките податоци од земјите од Европската унија, медикаментозниот абортус е многу побезбеден за пациентките особено за младите бидејќи компликациите за забременување во иднина се многу помали во однос на класичниот хируршки абортус.

Потребно е да се едуцираат младите. Во земјава има отворено и повеќе младински центри каде младите можат бесплатно да добијат совети за контрацепција и што да прават, каде да се обратат при несакана бременост.

Ана Јосифоска-Тодоровска