Честитка од Иванов до Обама за Денот на независноста
Шефот на државата, како што се наведува во честитката, ја пренесува и подготвеноста на Република Македонија за натамошна успешна соработка со САД во сите области од заемен интерес...

Претседателот на Република Македонија Ѓорге Иванов, по повод националниот празник на Соединетите Американски Држави, 4 Јули – Денот на независноста, упати честитка до американскиот претседател Барак Обама со најискрени желби за просперитет на САД, како и за благосостојба на пријателскиот американски народ.
Односите со Соединетите Американски Држави ги ценам за исклучително значајни, а заложбата за нивното натамошно зацврстување од посебен интерес за Република Македонија и за нејзините граѓани. САД даваат силна и континуирана поддршка на напорите за консолидирање на мирот, демократијата и стабилноста во регионот, како и за остварување на стратешките надворешно-политички цели на Република Македонија. Одамна заслуженото полноправно членство на нашата држава во НАТО, како и натамошната интеграција во ЕУ, стабилноста и просперитетот на нашиот регион, регионалната соработка и градењето добрососедски односи, остануваат наши највисоки надворешно-политички приоритети, но истовремено и предизвици со кои нашата држава се соочува. Во насока на што поскора реализација на овие значајни цели, ја очекуваме Вашата натамошна, уште позасилена поддршка во претстојниот период, особено во пресрет на следниот Самит на Алијансата во септември оваа година, се вели во честитката.
Шефот на државата, како што се наведува во честитката, ја пренесува и подготвеноста на Република Македонија за натамошна успешна соработка со САД во сите области од заемен интерес, како заеднички придонес кон просперитетот на регионот на Југоисточна Европа, но и воопшто, во глобални рамки, како стратешка определба на двете држави.
Со такво убедување, како и во очекување на можноста за лична размена на мислења по сите прашања од заемен интерес, дозволете ми, господине Претседателе, да Ви ги упатам изразите на моето највисоко почитување, се посочува во честитката од претседателот Иванов.
