Бурни реакции за пописот во Албанија
Не престануваат бурните реакции за пописот во Албанија, во кој Македонците станаа помал број, а Бугарите поголем. Малцинствата најавија заедничка декларација со која ќе се бара одново да се преброи населението. По изјавите на првиот човек на ржавната статистика во Македонија дека силниот притисок на соседна Бугарија ги донесе неочекуваните резултати и македонските здруженија со истиот став...

Исходот од пописот е јасна потврда дека Софија, успеала да ја валоризира својата пропаганда која особено се засили после 2017 година, кога Албанија ги внесе Бугарите како малцинство, вели за МТВ поранешниот пратеник и претседател на Македонска алијанса за европска интеграција, Васко Стерјоски.
Дел од експертската јавност во Албанија посочува дека за вакви резултати веројатно придонела моќта на Бугарија како држава и интересите поврзани со влезот на Македонија и Албанија во ЕУ. Универзитетскиот професор Бен Андони, вели дека ова е и резултат на недоволната грижа на локалните власти. Функционерите и раководството од македонската заедница на терен, требале уште од самиот почеток да ги земат во свои раце потребните процеси.
„Сега веќе пописот е фиксен. Македонското и другите заедници треба сега силно да опстојат на своето постоење и да внимаваат во однос на нивно признавање за да не се дозволи да се создава дополнително влошување на односите како оние меѓу Македонија и Бугарија. А самиот попис ја отежнува и ситуацијата во Албанија и отвора многу простор за дискусија“, изјави Бен Андони универзитетски професор од Р. Албанија.
А уште во 2020 година Стерјоски, среде Парламентот упати повик до институциите да не потклекнуваат на заканите на Бугарија за вето. И да ги следат и спречат бугарските обиди за создавање вештачко бугарско непостоечко малцинство во Албанија, преку поткуп на функционерите.
„Создавањето на непостоечко и вештачко бугарско малцинство во Преспа, Гора, Голо Брдо и Врбник ќе значи доведување на руската инсталација – голема Бугарија во Албанија“, изјави во 2020 година, Стерјоски Васил.
Според резултатите од последниот попис што ги објави „Инстат“ во Албанија живеат 2.281 граѓани кои се изјасниле како Македонци, додека како Бугари се попишале речиси осум илјади лица.
Фиљана Кока
