Обвинението е потврдено

Обвинетите за убиството на Вања и Панче влегуваат во судница, истрагата за Палевски сè уште трае

08.07.2024 14:05

Скопска единица го потврди обвинението, по што предметот ќе биде распореден кај судија. За датумот на првото рочиште, судот дополнително ќе извести...

Обвинетите за убиството на малолетната Вања Ѓорчевска и на велешанецот Панче Жежовски ќе влезат во судница. Скопска единица го потврди обвинението, по што предметот ќе биде распореден кај судија. За датумот на првото рочиште, судот дополнително ќе извести.

„По разгледување и ценење на актот како и доставените приговори изјавени против обвинението од страна на одбраната на обвинетите, донесено е решение со кое – Приговорите на одбраната се одбиваат како неосновани, а Обвинителниот акт се одобрува во целост“ – се наведува во соопштението од Кривичниот суд.

Боре Видевски, Велибор Манев и Влатко Кешишов се товарат за грабнување и двојно убиство. Мотивот им бил да изнудат пари.

Со процесот е опфатен и таткото на Вања, Александар Ѓорчевски, за кого Обвинителството тврди дека има докази за помагање, односно дека на обвинетите им давал информации за движењето на неговата ќерка.

Истрагата за Љупчо Палевски, кој исто така е осомничен за двојното убиство, сè уште трае. Тој неодамна беше екстрадиран од Турција, а обвинителството собира докази за негова инволвираност.

„Во предметот се преземаат истражни дејствија за кои во моментов не сме во можност да споделиме детали“ – кусо одговараат од Обвинителството.

Вања и Панче беа убиени кон крајот на ноември минатата година.

Анита Димитријевска – Велковска