Новороденчињата и летното сонце

03.07.2014 11:57

Оштетувањето на кожата од сонцето има кумулативен ефект, 80% од периодот на изложеност на сонце за време на животниот век е во текот на детството...

Потребно е да знаете неколку работи поврзани со сончањето, кожата на вашето бебе и нејзината заштита.Изгорениците се јавуваат при изложеност на сончеви зраци - УВ радијација. Најчесто не се манифестни веднаш, што ве залажува дека на вашето бебе му е пријатно на сонце. Се јавуваат неколку часа подоцна и може да се манифестираат со црвенило, болка, оток, затегнатост на кожата, па дури и појава на пликови.

Третман:

-Секако прво треба да го тргнете од директното влијание на сонцето. Доколку кожата е црвена и затегната потребно е да ставаат ладни облоги во текот на денот, а потоа да се нанесе хидратантна крема. Ако изгорениците се од потежок степен, контактирајте го вашиот педијатар.

-Новороденчето и младото доенче до 6 месеци не ги изложувајте на директно сончево влијание. Ако, сепак, сте одлучиле да излезете надвор, избегнувајте го сончевото влијание меѓу 11-16ч. Најдобро е да го чувате вашето бебе под природна сенка или користете чадори за сонце.

-Облечете го во памучна лесна облека во светли бои, по можност да биде покриена поголема површина на телото. Почесто поите го со течности (доење, млеко по формула или кај постарите доенчиња - бистри сокови и вода).

-Повеќето педијатри не препорачуваат употреба на заштитни креми за сончање до 6-месечна возраст. Кај постарите доенчиња, употребувајте крема за сончање соодветна за деца (кремата треба да штити од УВА и УВБ зраците, да биде водоотпорна, хипоалергена и да има висок заштитен фактор).

-Сепак, да не заборавиме дека без сонце нема живот. Тоа е извор на енергија. Едно од позитивните влијанија на сончевите зраци врз организмот е поттикнување на синтеза на витаминот  Д во кожата. За создавање на Д-витаминот доволно е десетминутно изложување на сонце трипати во една недела.

-На крај да потсетиме дека антирахитичната профилакса со витамин Д треба да биде континуирана во текот на целата прва година од животот на вашето дете независно од годишното време.

Добро е да знаете дека кожата на новороденчето е тенка, нежна, чувствителна и посебно вулнерабилна. Новороденчињата имаат поголема кожна површина во однос на целокупниот волумен на телото за разлика од возрасните (поголема можност за оддавање течности - дехидрација) и зголемена способност за апсорпција на сончеви зраци, (апликативни креми...).

Природниот механизам за заштита на кожата од сончевите зраци не е целосно развиен. Изложување на новороденчето 15-20 минути на директно сончево влијание може да предизвика изгореници и дехидратација.

Оштетувањето на кожата од сонцето има кумулативен ефект, 80% од периодот на изложеност на сонце за време на животниот век е во текот на детството. Изгорениците во раното детство ја зголемуваат можноста за појава на рак на кожата подоцна во животот.