Лице пропаднало во „жив песок“, пожарникари го спасувале
Успешна акција на кумановските пожарникари. По три часа е спасен повозрасен кумановец, кој пропаднал во „жив песок“ во близина на реката Пчиња. Лицето е вон животна опасност, на домашно лекување. Командирот Илиевски за јавниот сервис раскажа како течело спасувањето ...

Драматична но успешна акција на кумановските пожарникари. По три часа интервенција рано утринава е спасено повозрасно лице, кое пропаднало во „жив песок“ во близина на реката Пчиња, во атарот на Студена бара. Командирот на смена Илиевски, кој ја водел акцијата за македонската телевизија раскажа дека иако секојдневно се соочуваат со различни предизвици, ова била една од потешките акции. По пријава, три часа по полноќ со екипата се упатиле на локацијата, но поради непристапниот терен оделе пеш околу 500 метри, пробивајќи се низ густа вегетација. Кога пристигнале вели лицето беше свесно, но навлезено до раменици во калта. Обидувајќи се да го извади и самиот навлегол во песокот.
„Јас го презедов ризикот како командир на одделение бев врзан со јаже, носила за да можам да влезам, бидејќи постоеше опасност и јас да се заглавам, што и се случи, но ползејќи успеав да дојдам до човекот“, истакна Сашо Илиевски, командир на смена ТППЕ Куманово.
Со заеднички сили со екипата вели успеавме да го извлечеме, без дополнително да се повреди.
„Цело време разговаравме со него да видиме колку е компатибилен, сигурно 2-3 часа бил во вода, видно беше исцрпен од водата, тињата“, дополни Илиевски.
Пожарникарите на носила го пренеле кумановецот до пристапниот терен, каде што било возилото на Итната помош. Истото е пренесено во кумановската болница, каде што му е укажана помош и е пуштено на домашно лекување. Пожарникарите со апел до граѓаните да внимаваат и да не го доведуваат својот, но и животот на останатите во опасност. Да избегнуваат посети на тешко пристапни терени, особено во ноќни часови.
Елена Георгиевска
