Нови измени во позитивната листа на лекови
Воведени нови измени во позитивната листа на лекови, со кои 23 генерики односно 85 заштитени имиња стануваат подостапни за 250.000 осигуреници...

Фондот за здравствено осигурување на Македонија од 8 јули воведе нови измени во позитивната листа на лекови, со кои 23 генерики односно 85 заштитени имиња стануваат подостапни за 250.000 осигуреници, односно со овие измени 733.000 рецепти осигурениците побрзо ќе можат да ги реализираат.
„Новите промени во Листата на лекови кои паѓаат на товар на Фондот се направени по барање на лекарите, но и врз основа на анализите на ФЗОМ, според кои се оцени дека има и медицинско оправдување за новата либерализација на овие лекови од позитивната листа,“ велат од Фондот за здравствено осигурување.
Промените опфаќаат две измени во делот на режимот на пропишување на одредени лекови.
Како што соопштуваат од Фондот, првата измена се однесува на промена на режимот на пропишување од лек за употреба во болнички услови во лек кој може да се издава на рецепт во примарна здравствена заштита.
„Измена е донесена со цел поедноставување на постапката за добивање на лек на товар на Фондот. Лековите опфатени со оваа промена ќе може да се издаваат на рецепт во примарна здравствена заштита и да се подигнуваат од аптека со договор со ФЗОМ. Досега пациентите на кои им биле пропишани овие лекови биле приморани да ги купуваат со сопствени средства и да бараат надоместок (рефундација) на средствата од Фондот или истите ги подигале од болниците што претставуваше дополнително оптоварување за осигурениците“, се вели во сооштението од Фондот.
Втората измена се состои во промена од R/RS, RS/RSS, RSS,на R, односно односно лековите ќе може да ги пропишува избран лекар без претходна препорака од специјалист или субспецијалист.
Со оваа измена, велат од Фондот, „лековите за кои досега беше потребна препорака од лекар специјалист или од лекар субспецијалист од повисоко ниво на здравствена заштита, сега ќе може самостојно да ги пропише избран лекар. Со ова ќе се намали бројот на упатувања, односно 250.000 дополнителни термини би се ослободиле во клиниките и болниците, а со тоа и повеќе време ќе имаат специјалистите да посветат внимание на пациентите. Придобивка за осигурениците е дека ќе се скрати и времето кое што досега беше потребно да се добијат овие лекови на рецепт на товар на Фондот.“
