Македонија- Хонг Конг: Продлабочување на економските односи
Премиерот Груевски и претседателот на извршниот совет на Хонг Конг, Ленг Чун- Јинг, разговараа за соработка во областа на здравството, но и за продлабочување на економските односи, преку потпишување на договори за заштита на инвестициите и одбегнување на двојното одданочување...

Владината делегација предводена од премиерот Никола Груевские e во Кина. Во лов по странски инвеститори во најголемиот административен центар Хонг Конг, Груевски се сретна со претседателот на извршниот совет на Хонг Конг, Ленг Чун – Јинг. Разговараа за соработка во областа на здравството, но и за продлабочување на економските односи, преку потпишување на договори за заштита на инвестициите и одбегнување на двојното одданочување.
„Имавме можност да размениме мислење за повеќе работи, но и да поразговараме за повеќе договори кои би ги потпишале за идниот развој на економските односи со Хонг Конг. Разговаравме за договорот за одбегнување на двојното оданочување и за договорот за заштита на инвестициите. Отворивме и други полиња каде што би можело во иднина да има соработка, како што се туризмот и филмската индустрија“, изјави премиерот Груевски по средбата.
Претседателот на Извршниот совет на Хонг Конг, НР Кина, Лунг Чун-јинг, позитивно ги оцени реформите за унапредување на деловната клима кои ги спроведува нашата земја и истакна поддршка за унапредување на економската соработка. Тој ги истакна и предностите од соработката на македонските и бизнисмените од Хонг Конг.
„Имав можност да слушнам за можностите кои им се нудат на бизнисмените од Хонг Конг и на бизнисите кои се лоцирани во Хонг Конг за соработка со македонските бизнисмени. Хонг Конг е отворена економија и ги повикуваме македонските бизнисмени за соработка, а хонгконшките бизнисмени имаат отворен ум за соработка со странски партнери. Гледаме напред во соработката со македонската Влада и македонските бизнисмени“, изјави претседателот на извршниот совет на Хонг Конг, Лунг Чун-Јинг.
Во рамките на посетата на Народна Република Кина, ќе се одржи бизнис – форум, организиран од „Фајненшл Тајмс“, а предвидена е и средба со менаџментот на групацијата Веибо, која донесе одлука за инвестирање во земјава и која на североистокот треба да отвори 5.000 работни места.
Со посетата на Хонг Конг, владината делегација ја заокружува посетата на азискиот континент.
