САД

Американскиот претседател Бајден не се откажува од трката за втор мандат

09.07.2024 09:16

Американскиот претседател Бајден не се лекува од паркинсонова болест, тврди Белата куќа. Сојузниците на НАТО кои се собраа на Самитот во Вашингтон не се загрижени за лидерските способности на Бајден, коментираше портпаролот на Советот за национална безбедност, Џон Кирби...

Шефот на Белата куќа не покажал никакви симптоми на Паркинсонова болест, објасни неговиот лекар по извештаите дека специјалист го посетил претседателот неколку пати во изминатата година. По дебатата на 27-ми јуни, демократите го наметнаа прашањето за здравјето на претседателот Џо Бајден и способноста да ја води федералната влада. Портпаролот на Советот за национална безбедност вели дека Бајден е способен да ја води нацијата и дека дебатата била аномалија.

„Тоа што го видов во таа дебата не е одраз на човекот, на лидерот и врховниот командант со кој поминав многу, многу часови. Според моето искуство, последните две и пол години не видов никаква причина да се сомневам во неговата луцидност, неговото разбирање, неговата истражувачка природа“, изјави Џон Кирби, портпарол на Советот за национална безбедност.

Во писмо до демократите во Конгресот, американскиот претседател се спротивстави на повиците да ја повлече кандидатурата и повика на прекин на внатрепартиската драма. Подоцна и во ТВ – обраќање во рамки на утринска програма истакна, „Не одам никаде“.

„Фрустриран сум од елитите во Демократската партија кои повикуваат да се повлечам од трката. Ако некој мисли дека не треба да се кандидирам – трчајте против мене. Заклучокот овде е дека нема да одиме никаде. Јас не одам никаде“, истакна Џо Бајден, претседател на САД.

Одредени демократи веруваат дека кандидатурата на Бајден ќе ги загрози шансите на партијата на ноемвриските избори и ќе го направи поверојатно враќањето на Трамп во Белата куќа. Претседателот на Претставничкиот дом вели дека републиканците се подобро подготвени да се справат со многуте закани ширум светот.

„Ние сме реалисти. Не бараме борба, но знаеме дека треба да бидеме подготвени. Падот е секогаш избор. Ние живееме во слободна земја и треба да го направиме вистинскиот избор. Можеме да се обидеме да ги смириме или можеме да избереме друг курс“, изјави Мајк Џонсон, претседател на Претставничкиот дом.

Говорот на Џонсон доаѓа во време на состанокот на лидерите на НАТО на 75-годишнината од воената Алијанса, која никогаш не била поголема и пофокусирана, но исто така се соочува со потенцијални егзистенцијални закани однадвор и однатре.

 

Маријана Димовска