Претстава за деца и изложба утревечер на Скопско лето
Театарската претстава „Младиот чорбаџија“ е работена според мотивите на делата на Марко Цепенков. Оваа претстава е работена со цел на децата им го прикажеме народното творештво преку театар. Исто така, утревечер ќе се отвори изложба „Модерна традиција“ на Филип Фидановски во Музеј на Град Скопје...

Театарската претстава „Младиот чорбаџија“ е работена според мотивите на делата на Марко Цепенков. Оваа претстава е работена со цел на децата им го прикажеме народното творештво преку театар. Преку оваа претстава не само што ќе ја доближи нашата традиција до децата, туку ќе укаже на многу клучни нешта кои се важни за нив, а тоа е однесувањето кон семејството, семејните вредности, кон околината која нè опкружува, почитта, хуманоста, градењето на карактерот на една личност во човек со вистински морални и етички вредности, класните разлики во општеството да не бидат пречка за комуникација. Ова се само дел од пораките на оваа претстава работена по мотивите и делата на Марко Цепенков. Сценографијата, костимите и музиката се изработени во духот на нашето традиционално творештво.
Целото дејствие се случува во традиционална македонска куќа, куќата на младиот чорбаџија кој е главниот лик во претставата, а целата претстава е во духот на македонската традиција.
Исто така, утревечер ќе се отвори изложба „Модерна традиција“ на Филип Фидановски, во 20:30ч. во Музеј на Град Скопје. Гости на изложбата се Маријана Костојчиноска Узунчева и кураторот на изложбата Јасминка Намичева.
Изложбата „Модерна традиција“ претставува спој на традиционалната грнчарија, која е автентична за македонската традиција, и нејзиното трансформирање во модерен визуелен стил со авторски пристап на уметникот. Со оваа изложба, се насочува внимание кон зачувувањето на традиционалниот грнчарски занает, кој е во ризик од исчезнување.
Изложбата е конципирана на начин што керамиките ќе бидат поставени на маса која ќе биде прекриена со чаршаф со стилизирани фолклорни елементи и ќе биде сервирана во функција на традиционално послужување на храна, слично на она во домовите и рестораните. Со прикажувањето на традиционалните садови на начин што го сретнуваме во секојдневниот живот, оваа изложба ги обединува минатото и современоста и ја остварува целта за оживување и промовирање на традицијата во модерниот свет.
