„Благој Ѓорев“ доби Халал сертификат
Со овој сертификат „Благој Ѓорев“ стана дел од 14-те компании во Македонија кои произведуваат во согласност со муслиманските принципи...

Компанијата за преработка на маслодајни семиња „Благој Ѓорев“ од Велес доби „Халал“ сертификат од Исламската верска заедница со што стана дел од 14-те компании во Македонија кои произведуваат во согласност со муслиманските принципи.
Со овој сертификат, „Благој Ѓорев“ доби потврда дека процесот на производство, како и самите состојки кои се користат се во согласнсот со муслиманските принципи.
„Овој сертификат е уште една потврда дека произведуваме здрава и безбедна храна, која ги исполнува и потребите на муслиманската заедница. Се надеваме дека ќе го интензивираме извозот на соседните пазари во Косово, Албанија, Босан и Херцеговина и Црна Гора каде и досега бевме присутни со добро познатото масло за јадење Кристал, повеќе видови на маргарини, како и други производи од нашиот широк асортиман“, велат од компанијата.
„Агенцијата за Халал Стандардот прави напори производите што ќе добијат сертификат за Халал производ да бидат на исто ниво со производите на разни светски компании. Нашата најважна цел е обезбедување на производи со висок квалитет, дозволени за сите припадници на различни вери. Ние гарантираме дека за производите на Благој Ѓорев е обезбедено следење и контрола во сите фази на производство почнувајќи од приемот на сите влезни суровини, па се до излезот на готови производи во маркетите за широка потрошувачка“, изјави Абаз Ислами, од агенцијата за Халал Стандарди.
