Кривичен Суд

Пет затворски казни и една условна им изрече Судот на шестмина обвинети во предметот „Синџир“

09.07.2024 12:41

Пет затворски казни и една условна им изрече Судот на шестмина обвинети во предметот „Синџир“. Се движат од една до две години затвор, а паричните казни изнесуваат и до две илјади евра. За шесте фирми чии застапници вчера признаа вина, Судот изрече парични казни, но и забрани за учество во јавни повици и концесии …

Пет затворски и една условна казна изрече Кривичниот суд откако шестмина обвинети во случајот „Синџир“ признаа вина за даночно затајување и перење пари. Судијката им одреди вкупна затворска казна од 10 години и пет месеци, а треба да ја надоместат и штетата што ја направиле преку незаконското работење на нивните фирми.

Дали ќе следува жалба, Обвинителството ќе процени откако ќе ја разгледа писмената верзија на пресудата и ќе види од кои причини Судот изрекол казни, близу законскиот минимум.

Обвинителството своевремено отвори истрага против 26-мина сопственици и директори на фирми кои од 2019-та до крајот на 2021 година со издавање на лажни фактури со цел да избегнат плаќање на данок го оштетиле Буџетот за 8 милиони евра. Во истрага двајца се спогодија со Обвинителството и добија условни казни, во меѓувреме еден обвинет почина, а дел признаа вина, платија данок од милион евра и добија условни или ниски затворски казни.

 

Анита Димитријевска – Велковска