Ниските плати ги бркаат лекарите
Министерот најави нови вработувања во здравството, но синдикалците бараат повисоки плати. Велат, ниските плати на лекарите се причина зашто нема лекари во здравствените домови. Лекар специјалист, пред пензионирање стига до плата од 55.000 денари. Во Итната медицинска помош плата е 35.000 денари. Изминативе години имало вработувања, но лекарите брзо си заминувале…

Малку на број, амортизирани и дотраени, возилата на Итната медицинска помош многупати биле тема во медиумите. Но, тоа што треба да е тема е што нема лекари коишто имаат интерес да работат. Дури и да се набават возила, плата од 35.000 денари не е предизвик за лекарите да бидат дел од овие тимови.
Ниските плати се причини зашто нема лекари во здравствените домови низ државата, зашто пациентите од кај матичен лекар одат по клиниките, вели претседателот на Независниот синдикат, Бојчевски. 45.000 добиваат специјалистите со 11 години поминати во учење. Специјалисти пред пензионирање стигнуваат до плата од 55.000 денари.
Нема лекари во вакциналните пунктови, затворени се оддели во поликлиниките во Скопје бидејќи нема медицински кадар.
Бојчевски вели, не е фраза, состојбата во целата држава е навистина алармантна. Очекува надлежните сериозно да се посветат на решавање на проблемите.
Наташа Јанчиќ - Менковски
