ЈСП

Реакции во јавноста предизвика неисправен автобус кој заврши во жардиниера

09.07.2024 14:13

Низа реакции во јавноста, но и кај вработените во ЈСП Скопје, предизвика автобусот со број 2 кој заврши врз жардиниерите кај ТЦ „Мавровка“, а повредени беа возачот и еден патник ...

Поради неисправен автобус воланот ми закочи, жал ми е патниците што мора да се возат во вакви автобуси. Ова со солзи во очите и со растреперен глас го изјави возачот, Ферзи Арифи по инцидентот кој се случи на линијата број 2, кога автобусот излета од патот и се качи на жардиниерата кај ТЦ „Мавровка“.

„Цел живот сум во ЈСП, тука и низ скопските улици ми побеле косата. На трасата од линијата 2 ја знам секоја дупка и не е можно да ми се случи вакво нешто. Воланот ми закочи, жал ми е патниците што мора да  се возат во вакви неисправни автобуси“, рече Ферзи Арифи – возач на ЈСП Скопје.

И синдикатите алармираат дека за инцидентот е виновно раководството на ЈСП кое не ги сервисира автобусите и со тоа ги доведува во опасност и вработените и патниците.

„Инцидентот се случил бидејќи бил неисправен воланот, односно во тој момент се закочил и благодарение на присебноста и искуството на возачот не дојде до поголема несреќа. За овој автобус како и за други      се пријавувало дека се неисправни, но не се сервисираат. Замислете, овој автобус пред неколку дена возел до Водно“, рече Марјан Ристески – претседател на КСОМ.

На прес-конференцијата се појави новиот директор на ЈСП кој е на функција една недела, и рече се работи по пропис.

Вработените во ЈСП реагираат дека постојано пријавуваат дефекти, но автобусите другиот ден повторно се пуштаат во сообраќај и се даваат на други возачи.

Во вчерашниот инцидент покрај возачот на 2-ка, беше повредена и една жена.

 

Борис Грујоски