Безбедност

САД ја зајакнува безбедноста на аеродромите, стравува од Исламисти

03.07.2014 13:16

Во пресрет на 4 јули, Денот на независноста, Соединетите Американски Држави ја зголемуваат безбедноста на аеродромите. Стравуваат дека успехот на исламските движења на Блискиот исток може да предизвика нови напади кон западниот свет...

Американските власти ќе ја зајакнат безбедноста на странските аеродроми од кои има директни летови кон САД. Одлуката е донесена откако добиле информации дека припадници на Ал Каеда во Сирија и Јемен развиваат бомби што би можеле да бидат прокриумчарени во авиони. Заедно со земјите-членки на ЕУ разгледуваат и стратегии за проверка на патниците и вградување нови уреди за детекција на бомби. Најстрогите безбедносни системи се применуваат и на аеродромите во Обединетото Кралство. Но не ја исклучуваат можноста да го следат примерот на администрацијата во Вашингтон.

„Би сакал да можам да ги убедам сите дека на нашите аеродроми се спроведува еден од најстрогите безбедносни режими во светот, исто како и во САД. Најважно е да воведуваме мерки за заштита на патниците“, вели Министерот за транспорт на Обединетото Кралство, Патрик Меклафлин.

Филип Баум, експерт за воздухопловна безбедност изјави дека „бројот на претреси ќе се зголеми, најмногу кај патниците кои патуваат во Соединетите Американски Држави.“

Меклафлин нагласи дека проверките, иако темелни, нема да им одземаат многу време на патниците.