Македонски доктори ќе црпат искуства од познатата болница „Квин Мери“ во Хонг Конг
Менаџментот на болницата „Квин Мери“ позитивно гледа на идната соработка и очекува споделување на знаењата и искуствата со македонските лекари и медицински персонал...

Македонија ќе учи од Кина како да ги унапредува вештините во здравствесниот систем. Премиерот Груевски договори наши доктори да црпат искуства во познатата болница „Квин Мери“ во Хонг Конг и специјалисти оттаму да соработуваат со болниците во државава.
„Се надеваме дека и нивните лекари, од Хонг Конг, ќе дојдат и кај нас да го пренесат нивното знаење, останувајќи во Македонија неколку недели и повеќе, со цел поголем број лекари и медицински персонал да научат некои од вештините кои хонгконшките лекари ги имаат научено и применето, а кај нас се уште не се внесени“, изјави премиерот Груевски по средбата во Хонг Конг.
Менаџментот на болницата „Квин Мери“ позитивно гледа на идната соработка и очекува споделување на знаењата и искуствата со македонските лекари и медицински персонал.
„Мислам дека постојат многу опции за македонските доктори да го шират своето знаење и да дојдат тука во Хонг Конг да го споделат нашето искуство кое го имаме, и така да ги искористиме шансите за соработка во иднина“, изјави д-р Ли Чои, директор на болницата.
„Квин Мери“ е главен образовен здравствен центар во Хонг Конг, и е најнаградувана клиника во регионот. Во идниот период стручни тимови на двете страни треба да ги прецизираат областите од медицината во кои ќе се врши обука и тренинг на македонските доктори и процедурите за остварување на соработката.
