Објавен план за помош на Украина на НАТО Самитот
Светот зависи од исходот на војната во Украина, вели првиот човек на Алијансата од состанокот на НАТО во Вашингтон...

Американскиот претседател Бајден-домаќин на Самитот на НАТО, објави план за испраќање повеќе системи за противвоздушна одбрана на Украина додека Русија ги интензивира нападите.
„Објавувам историска донација на опрема за противвоздушна одбрана за Украина. САД, Германија, Холандија, Романија и Италија ќе ѝ дадат на Украина опрема за пет дополнителни стратешки системи за воздушна одбрана. А во наредните месеци, и дополнителни тактички системи за противвоздушна одбрана“, изјави Џо Бајден, претседател на САД.
Светот зависи од исходот на војната во Украина, вели првиот човек на Алијансата од состанокот на НАТО во Вашингтон. Столтенберг ги повика лидерите да ја задржат поддршката за Киев без разлика на трошоците велејќи дека исходот од војната со Русија ќе ја обликува глобалната безбедност во децениите што доаѓаат.
„Војната на Русија против Украина е најголемата безбедносна криза во последните генерации. Украина покажа извонредна храброст, а сојузниците на НАТО дадоа поддршка без преседан, но реалноста е дека нема бесплатни опции со агресивната Русија. Најголема цена и најголем ризик ќе бидат ако Русија победи во Украина. Не можеме да дозволиме тоа да се случи“, изјави Јенс Столтенберг, генерален секретар на НАТО.
Зеленски го предупреди светот не може да чека до ноемвриските избори во САД да преземе акција за да го одбие Путин.
