НБРМ: Стабилен финансиски сектор во 2013 година

03.07.2014 14:37

Стабилната и висока ликвидност останува еден од основните столбови на банкарскиот систем, при што ликвидните средства продолжуваат да растат и во континуитет покриваат речиси 60 отсто од депозитите на домаќинствата кај банките...

Задржана е финансиската стабилност во Република Македнија во 2013-тата година, констатира денеска Советот на Народната банка на Република Македонија (НБРМ). Како што се наведува во соопштението од Народната банка на Република Македонија, банкарскиот систем и натаму го сочинува најголемиот дел од финансискиот сектор. Слабата поврзаност меѓу банкарскиот систем и останатите сегменти, капитално финансираното пензиско осигурување, осигурителниот сектор, лизингот и инвестициските фондови се причина за минимизирање на можноста за прелевање на ризиците од еден сегмент во друг.

Советот смета дека и покрај закрепнувањето на домашната економска активност, поради умереното закрепнување на банкарскиот систем во евро-зоната, банкарските групации присутни во Република Македонија и во 2013 година применуваа претпазливи политики при кредитирањето. Исто така, како резултат на последиците од глобалната економска и финансиска криза, во првите шест месеци од годината квалитетот на кредитното портфолио продолжи да се намалува, што се огледа преку високиот раст на нефункционалните кредити на корпоративниот сектор. Во втората половина на годината, поттикнати од трендот на закрепнување на домашната економија, дел од банките направија засилени напори за поголема наплата на нефункционалните побарувања, како и преструктурирања на побарувањата од оние клиенти за кои оцениле дека е потребно целисходно приспособување на кредитните услови кон нивната моментална финансиска состојба. Овие активности, заедно со поголемата кредитна активност на банките кон корпоративниот сектор, придонесоа на крајот од 2013 година стапката на нефункционални кредити да биде на најниско ниво за целата година, со исклучок на јануари, и да изнесува 11,5 проценти.

Стабилната и висока ликвидност останува еден од основните столбови на банкарскиот систем, при што ликвидните средства продолжуваат да растат и во континуитет покриваат речиси 60 отсто од депозитите на домаќинствата кај банките. Покрај ликвидноста, за зацврстување на финансиската стабилност придонесува и високата солвентност на банките, при што на 31 декември 2013 година стапката на адекватност на капиталот на ниво на банкарски систем и понатаму е двојно повисока од законски пропишаниот минимум и изнесува 16,8 отсто.