Приватните специјализанти чекаат средба со министерот Таравари
Приватните специјализанти не протестираат. Сè уште чекаат абер за средба од новиот министер за здравство. Но, и од него очекувањата се редовно вработување и нивно распоредување онаму каде што недостига кадар. На потег е Таравари…

Приватните специјализанти се на агендата на министерот за здравство, но средбата сè уште не се случи. Чекаат да го чујат предлогот, кој според најавата на Таравари треба да е на задоволство на приватните специјализанти и на надлежните. Да добијат решение за работа и да се распоредени во јавното здравство кај што има дефицит на кадар.
„Чекаме да се оствари средбата, да видиме кој е предлогот на министерството, а прераспределбата би била според местото на живеење, според најблиското место од живеалиштето. Колегите се отворени за вработување, но сепак тие вработувања да бидат разумни според локација на живеење, бидејќи сепак повеќето имаат семејства, деца и тоа да биде во еден разумен круг на вработување“, изјави д-р Христина Илиоска- Чешлароска, приватен специјализант.
Министерот Таравари, најави укинување на можноста за приватни специјализации, ексклузивитет што според него го има само во Македонија. Приватните специјализанти, сметаат дека треба да се стави ред во оваа категорија на едукација.
„Вакви како во моментот што се приватните специјализации, односно со неконтролирано распишување на конкурси, и ние сме за да се воведе некаква контрола во однос на распишувањето на специјализации со цел да се спречи хиперпродукција на одредени кадри каде што навистина нè има во голем број“, нагласува д-р Илиоска-Чешлароска.
400 приватни специјализанти и покрај негодувањето, протестите, продолжија да ги извршуваат своите задачи. Лекуваат пациенти, а тие се без здравствено осигурување, дежураат и по 24 часа, работат рамо до рамо со своите колеги и за тоа добиваат 26.000 денари. Надлежните, претходно, не ги прифатија нивните барања за надоместок од 40.000 денари, здравствено осигурување и решавање на нивниот статус.
Наташа Јанчиќ-Менковски
