Жители на Оревоец на суд бараат времена мерка против „Бехтел и Енка“
Во прилепскиот суд денеска се одржа судското рочиште на кое жителите на Оревоец бараат времена мерка против ископот што го прави „Бехтел и Енка“ до нивното село…

Нашиот живот нема цена – порачаа жителите на прилепски Оревоец кои тврдат дека „Бехтел и Енка“ го загрозува нивното здравје, уништувајќи ја животната средина за изградба на автопатот Прилеп-Битола од Коридорот 10-д. Тие бараат правда на суд за привремена забрана на вршење градежни работи.
„За нив е поважна материјалната штета, да нè исплатат нас, а нематеријалната штета е голема, се загади воздухот, се загади почвата, пробиен е еден извор“, вели Румен Јоаноски, жител на Оревоец.
„На еден лош, непрофесионален и насилнички начин Бехтел и Енка ни го порачаа следново-ние ќе ве силуваме на секој начин, а вие после барајте материјална и нематеријална штета“, додава Дејан Ачкоски, жител на Оревоец.
„Иако од нив експлицитно беше побарано на рочиштето да достават докази за поседување соодветни одобренија и лиценци, дека не постапиле по одредени одлуки на Министерството за животна средина, имавме само паушални аргументи за важноста на проектот, дека се работи за јавен интерес и дека е добро за граѓаните“, вели Жарко Стеваноски, адвокат на жителите.
Министерот за транспорт имал средба со претставници на конзорциумот за декласифицирање на договорот што се води како државна тајна. Веќе се исплатени 240 милиони евра, раскинувањето на договорот ќе нè чини многу пари, а може да останеме без километар, вели Николоски.
„Претходната влада на СДСМ и ДУИ веќе има исплатено 240 милиони евра на изведувачот за буквално ништо, односно на т.н. подготвителни работи, односно за работи кои не ги гледаме и мислам дека ќе биде недомаќински однос кон македонскиот буџет, ако сакате и душмански, да јас сега го прекинам договорот, а тие средства да се веќе кај изведувачот и нормално да не можат да се вратат. Изведувачот може и да тужи и да побара арбитража и веројатно да платиме уште толку и да отидат половина милијарда евра средства на македонските граѓани, а да немаме ниту километар автопат“, изјави министерот за транспорт, Александар Николоски.
СДСМ критикува – прво тврдеа дека договорот е криминален, сега велат – пу, пу не важи.
„Од денеска, ВМРО-ДПМНЕ и Владата на Христијан Мицкоски ќе го реализира истиот договор со Бехтел и Енка. Почетокот на мандатот на Мицкоски и ВМРО-ДПМНЕ покажува дека едно зборуваа како опозиција сега прават друго“, нагласуваат од СДСМ.
„Бехтел и Енка“ треба да ја заврши изградбата на автопатските делници од коридорите 8 и 10-д до 2027-ма година.
Александра Велинова
