Хонг Конг нуди извонредни политички и економски можности

03.07.2014 15:18

Tрговската размена, економската соработка, особено на полето на инвестициите, одбегнување на двојното оданочување, туризмот, нови можности за филмската индустрија на далечниот исток во нашата земја. Ова е резимето од средбата на премиерот Никола Груевски со претседателот на Извршниот совет на адмнистративниот регион на Хонг Конг...

Како една земја, а два система, управуван од Народна Република Кина, со применет повеќепартиски систем,  Хонг Конг, нуди извонредни можности во областите на политиката и на економијата.  За ова, во истоимената престолнина на 7 милионската автономија, разговарале македонскиот премиер Никола Груевски и неговиот домаќин, Лунг Чун Јинг.

Тековните економски односи да се преточат во соодветна правна рамка, била иницијативата на македонската делегација. Со 36 илјади долари национален приход по жител, Македонија станува интересна туристичка понуда за Хонг Конг.

„Разговаравме за договорот за одбегнување на двојното оданочување и за договорот за заштита на инвестициите. Отворивме и други полиња каде што би можело во иднина да има соработка, како што се туризмот и филмската индустрија“, изјави премиерот Груевски по средбата.

20 насто вратени средства , како и даночни ослободувања за филмските продукции кои снимаат кај нас се поволност повеќе за развиената филмска индустрија прославена по борбените вештини. Отворен пред се кон светот, Хонг Конг е бизнис средиште на Пацификот и далечниот Исток.

Во едночасовниот разговор, бев запознат со можностите за соработка на Хонг Конг со македонската економија. Хонг Конг е отворена економија. Имаме отворени граници, добредојдени се луѓето од целиот свет, дефинитивно се добредојдени и од Македонија. За нашите бизнисмени нема бариери. Затоа се радуваме што ќе работиме со македонската влада и македонската бизнис заедница“, изјави претседателот на извршниот совет на Хонг Конг, Лунг Чун-Јинг.

Инвестициските поволности отвораат можности за унапредување на бизнис- климата во двете земји, и затоа е разговарано за потпишување договори, меѓу кои и заштитата на инвестициите. На средбата, македонскта страна понудила стипендирање и на студенти од Хонг Конг на Универзитетот за информатички технологии „Свети Апостол Павле“ во Охрид.

 

Зоран Богатинов