Скопје

Градоначалниците обвинуваат дека отпадот не се собира, „Комунална хигиена“ демантира

10.07.2024 15:17

Општина Кисела Вода поднесе прекршочна пријава против „Комунална хигиена“. Локалната самоуправа обвини дека отпадот не се собира и се создаваат депонии коишто го загрозуваат здравјето на граѓаните. Деновиве реагираа и општините Бутел и Чаир. Од Комуналец тврдат – сметот редовно се собира...

Жителите на Кисела Вода се жалат дека немаат каде да го фрлаат ѓубрето. Велат, насекаде се шири непријатна миризба. Кантите за отпадоци се преполни. Градоначалникот поднесе прекршочна пријава против „Комунална хигиена“.

Од „Комунална хигиена“, пак, тврдат дека отпадот редовно се собира. Според нив, против претпријатието се водат валкани политички игри.

„Во текот на јуни 2024 година, на територијата на општината се подигнати и транспортирани приближно 1.400 тони комунален отпад. Исто така, во Општина Кисела Вода континуирано се реализираат и рачно и машинско метење, како и машинско миење на булеварите и улиците со употреба на автоцистерни“, соопштија од „Комунална хигиена“ – Скопје.

Скопските градоначалници се жалат дека општините се претворени во депонии. Деновиве реакција имаше и од општините Бутел и Чаир.

 

Ана Јосифовска - Тодоровска