Самит на НАТО

НАТО е помоќен од кога било претходно, Путин нема да победи, порача Бајден

10.07.2024 16:21

Руската војна во Украина е во фокус на разговорите меѓу лидерите на земјите членки на Алијансата. Американскиот претседател Бајден испрати порака – НАТО е помоќен од кога било претходно, Путин нема да победи. Киев ќе добие системи за противвоздушна одбрана...

Американскиот претседател Бајден, домаќин на самитот на НАТО, објави план за испраќање повеќе системи за противвоздушна одбрана на Украина додека Русија ги интензивира нападите.

„Објавувам историска донација на опрема за противвоздушна одбрана за Украина. САД, Германија, Холандија, Романија и Италија ќе ѝ дадат на Украина опрема за пет дополнителни стратешки системи. А во наредните месеци, и дополнителни тактички системи за противвоздушна одбрана“, изјави Џо Бајден, претседател на САД.

Украина е сè поблиску до членството во НАТО, но прерано е да се каже точно кога ќе се случи тоа, вели првиот човек на Алијансата, Столтенберг. Ги повика лидерите да продолжат со поддршка за Киев, велејќи дека исходот од војната ќе ја обликува глобалната безбедност во иднина.

„Видовме шема на зголемени руски непријателски дејствија против сојузниците на НАТО организирани од руските безбедносни служби. Станува збор за саботажа, интернет-напади, обиди за подметнување пожари. Станува збор за дејствија, повторно против сојузниците на НАТО. Ја зголемуваме свеста на сојузниците дека ова не се самостојни инциденти, дел од руската кампања за обид да ги заплаши оние што ја поддржуваат Украина“, изјави Јенс Столтенберг, генерален секретар на НАТО.

Политичките поделби на САД го одложија оружјето за Украина со месеци, а претстојните претседателски избори предизвикуваат загриженост дека поддршката на САД – со оружје и војници – во случај на закани против земјите-членки не може секогаш да биде загарантирана. Зеленски го предупреди светот дека не може да чека до ноемвриските избори во САД да презеде акција за да го одбие Путин.

 

Маријана Димовска