Во Собранието дебата за работата на повеќе државни институции
Денес во Собранието пратенците дебатираа за работата на Агенцијата за администрација и Советот на јавните обвинители...

Со измените во Законот за кривичната постапка, обвинителите имаат доминантна улога во водењето на истражните дејствија. Тоа, пак, бара повеќе кадар кој моментално недостига. Мал е интересот за служба во основните обвинителства, нема доволно стручен кадар. Само четворица ја завршиле Академијата за судии и јавни обвинители, на која моментално се обучуваат само 15-мина.
Обвинителството мора да е потранспарентно, да се почитува презумцијата на невиност при мерката притвор, а јавниот обвинител да не членува во Советот, смета Павле Трајанов.
„На тој начин ќе се зајакне позицијата на Советот на јавните обвинители од аспект да може да ја анализира, разгледува и да ја оценува работата на јавниот обвинител на Република Македонија, во услови кога го избира владејачкото мнозинство“, потенцира Трајанов.
Законот не обврзува годишните извештаи да се статистички, а не аналитички, рече претседателот на Советот на јавните обвинители, Костадин Кизов, додавајќи дека се оценува работата на обвинителите.
„Обвинителите успешно се справуваат со сите нормативи предвидени во Законот за кривичната постапка, иако во прво време се судиравме со многу проблеми“, истакна претседателот на Советот на јавните обвинители, Костадин Кизов.
Државната администрација треба да се ослободи од партиските стеги, рече Роза Топузова-Каревска во дискусијата по годишниот извештај на Агенцијата за администрација. Според неа,бројот на административците власта го крие во тајност.
„Ако продолжи тенденцијата на вакво вработување во јавната администрација, има опасност таа да се претвори во ламја што ќе ја проголта целата македонска економија“, смета пратеничката Роза Топузова-Каревска.
„Согласно со надлежностите, Агенцијата за администрација не поседува такви податоци и од тие причини не може, ниту јас како директор да ви ги дадам тие податоци“, појасни директорката на Агенцијата за администрација, Жаклина Николовска.
Љубица Буралиева сепак ќе биде пратеник. Како што соопшти спикерот Вељаноски на почетокот на денешното заседание, таа го најавила оправданото отсуство.
„Иван Стоиљковиќ, Мендух Тачи, Хазби Лика, Љубица Буралиева“, соопшти Вељаноски.
Засега од Буралиева нема информација од кога ќе присуствува на седница на законодавниот дом.
Милчо Велески
