Здравство

Штипската Клиничка болница со нови кардиолошки методи

03.07.2014 15:57

Од денеска на Одделението за кардиологија во Штипската клиничка болница ќе се работи и компјутерска томографија на крвните садови, а истовремено и интервентна кардиологија. Неколку стручњаци од Србија континуирано ќе го применуваат овој метод, а истовременио ќе ги едуцираат нашите лекари. Штип треба да стане кардиолошки центар за источна Македонија...

Во Штипската клиничка болница ќе се снимаат срцето и крвните садови со нов компјутерски томограф со 64 пресеци и според состојбата на пациентот ќе се вршат коронарографија, стентирање или други инвазивни кардиолошки зафати.

„Воедно паралелелно со ЦТ коронарографијата за срце овие доктори ќе вршат и коронарографија и ЦТ ангиографија и за крвни садови од други делови на телото. Сакам да потенцирам дека соработката со Институтот за кардиваскуларни болести  Дедиње ќе продолжи во текот на следната година“, вели министерот за здравство Никола Тодоров.

Д-р Желимир Антониќ од кардиолошкиот центар Дедиње во Србија ќе биде првиот интервентен кардиолог- радиолог што ќе го применува новиот метод. Зад себе има 20-годишно искуство и 7.200 извршени интервенции. Ќе ротираат и други стручњаци од Србија коишто континуирано, 24 часа ќе им бидат на располагање на пациентите од источна Македонија. Паралелно ќе ги обучуваат и нашите кардиолози.

„Истиот доктор ќе работи и ЦТ на срце и стентирање и коронарографија. Идејата ни е да имамем постојано доктор во Штип којшто таму ќе работи и живее“, вели министерот Тодоров.

Во Македонија кардиоваскуларните заболувања се први на листата. Во Скопје годишно се вршат над 6.000 коронарографии и 3.000 стентирања. Во Охридскиот кардиолошки центар 1.500, а од лани инвазивна кардиологија се работи и во Битолската клиничка болница, под мониторинг на кардиолозите од скопската Универзитетска клиника за кардиологија.

Соња Стојановска