Појас Газа

Израелски воени операции во Газа

11.07.2024 09:21

Во Газа продолжуваат израелските воени операции, во Каиро и во Доха разговори меѓу Израел и Хамас за прекин на огнот. Обединетите нации алармираат дека Палестинците добиваат многу малку помош …

Израелските воени операции во градот Газа продолжуваат додека течат разговорите за прекин на огнот. Израелската војска ги повика Палестинците да го напуштат градот Газа и да се упатат кон југ. Според Меѓународната заедница, наредбите за евакуација покажаа дека Израел продолжува со нова офанзива на северот, југот и центарот на енклавата.

„Сакаме да ги извадиме цивилите од опасност. Ние немаме интерес да им наштетиме на цивилите во градот Газа или на кое било друго место. Се обидуваме да дојдеме до терористите. Како што ви спомнав претходно, 24 нивни баталјони, повеќето од нив се разбиени. Но, делови од тие баталјони се појавуваат во различни делови на Газа, ние одиме по нив“, изјави Дејвид Менсер, портпарол на израелската влада.

Обединетите нации предупредија за опасностите од новото раселување.

„Израелската инструкција за луѓето да го напуштат градот Газа само ќе поттикне масовно страдање за палестинските семејства, од кои многу биле раселени многупати. Цивилите мора да бидат заштитени и нивните потреби мора да се задоволат, без разлика дали ќе бегаат или ќе останат“, изјави Стефан Дујарик, портпарол на ООН.

Во меѓувреме, водачот на Хезболах, изјави дека групата ќе ја поддржи секоја одлука што ќе ја донесе Хамас за време на обновените преговори за прекин на огнот.

„Кога борбите ќе престанат во Газа, ние ќе ги прекинеме борбите. Кога ќе дојде до прекин на огнот во Газа, ќе го запреме пожарот во јужен Либан“, изјави Хасан Насрала, лидер на Хезболах.

Хезболах почна да лансира ракети врз северен Израел еден ден по ненадејниот напад на Хамас на врз јужен Израел на 7-ми октомври, што доведе до ограничени судири долж границата.

 

Маријана Димовска