Економија

АСО: Осигурани над 350.000 возила за половина година, секое трето возило има зелена карта

11.07.2024 10:23

Сопствениците на возила, во првата половина од годинава, вложиле 43,1 милиони евра во задолжително осигурување од автомобилска одговорност како и во зелена карта. Во осигурувањето за возење во странство, зелена карта, граѓаните и компаниите вложиле 10,2 милиони евра за шест месеци...

Сопствениците на возила, во првата половина од годинава, вложиле 43,1 милиони евра во задолжително осигурување од автомобилска одговорност како и во зелена карта. Во осигурувањето за возење во странство, зелена карта, граѓаните и компаниите вложиле 10,2 милиони евра за шест месеци. Сите цени за задолжителното автомобилско осигурување и за зелена карта ги регулира државата. АСО, Министерството за финансии и осигурителната индустрија работат на подготовките на процесот за либерализација на цените на автомобилското осигурување што е и еден од условите во пристапните преговори за членство во ЕУ

Граѓани, компании и институции осигурале речиси 351.000 возила, патнички и товарни возила, автобуси, мотоцикли, трактори, приколки и специјални возила во периодот јануари – јуни годинава. Вкупниот број возила за кои сопствениците купиле полиси за задолжително осигурување од автомобилска одговорност во 2023 година е зголемен за 6,3 отсто во споредба со 2022 година, покажуваат прелиминарните податоци кои до Агенцијата за супервизија на осигурување (АСО) ги достави Националното биро за осигурување (НБО).

Сите 12 осигурителни компании во првите шест месеци издале над 468.000 полиси за осигурување (ЗАО и зелена карта) и за преземањето на ризиците наплатиле 2,65 милијарди денари (43,1 мил.евра). Податоците на НБО покажуваат дека бизнисот со осигурување од автомобилска одговорност во првата половина годинава пораснал за 6 отсто во споредба со истиот период 2023 година.

Секое трето осигурано возило има и зелен картон – осигурување кое овозможува возење во странство. Во првите шест месеци сите 12 осигурителни компании издале повеќе од 117.000 зелени карти. Бројот на издадени зелени карти лани е за нијанса, односно за 2 отсто, помал од бројот на издадени зелени карти во истиот период лани. Но од друга страна вложувањата во зелена карта годинава се за 4,5 отсто повисоки од истиот период лани.

Зелената карта е осигурување кое служи за обештетување на трети лица доколку се случи сообраќајна незгода или несреќа во странство. Специфика на зелената карта е тоа што во некои земји нема утврдена максимална сума за човечки жртви во сообраќајна несреќа. Во таков случај осигурителната компанија што ја издала зелената карта ќе исплати износ без ограничување.

НБО е организација основана од осигурителните компании која има законски овластувања да ги врши работите предвидени со меѓународните спогодби за осигурување на сопствениците и корисниците на моторни возила од одговорност во сообраќајот. Воедно, ги претставува сите македонски компании за неживотно осигурување во меѓународните организации и институции за осигурување.