Вода

43 проценти од водата за пиење се губат, покажа најновото истражување

11.07.2024 12:29

Дури 43 проценти од водата за пиење се губат, најмногу во Скопје, каде водата е и најскапа, покажува најновото истражување на Центарот за граѓански комуникации. Снабдувачите на вода различно наплаќаат. Водата е најскапа во Кочани, а најевтина во Боговиње. Најмногу кубици вода трошат тетовчани, дури 13 кубици месечно, а сепак плаќаат најевтино ...

Половина од годишно произведените 245 милиони кубни вода се губат. Најмногу дури 43 проценти од водата за пиење има во Скопје, големи загуби има и во Гостивар, Тетово и во Кичево. Најмногу вода се троши во Маврово и Теарце 70 кубици месечно, а најмалку во Старо Нагоричане 2,4 кубици.

„Кога станува збор за потрошувачката на вода за пиење, просекот меѓу големите градови е околу 10 кубици месечно по домаќинство. Но, охриѓани просечно трошат по околу 6 кубици, додека тетовци по повеќе од 13 кубици месечно. Просечната потрошувачка на вода за пиење во Скопје е нешто помалку од 9 кубици. Правните лица во големите градови, пак, просечно трошат дури 4,5 пати повеќе вода од домаќинствата, односно по 45 кубици месечно. Најмалку вода трошат фирмите во Тетово, по 15 кубици, а најмногу фирмите во Скопје, по 99 кубици месечно“, стои во соопштението од Центарот за граѓански комуникации.

Од регистрирани над 660 илјади потрошувачки домаќинства, 271 илјада се во Скопје. Над 30 илјади потрошувачи има и во Битола, Куманово и Охрид, а помалку од 20 илјади потрошувачи има во Тетово, Гостивар, Струга и Штип. 67-те снабдувачи со вода наплаќаат различна цена за својата услуга.

Најниска цена на водата за домаќинствата има во Боговиње, Теарце, Желино, Врапчиште и Росоман, а најскапо се плаќа во Кочани, Делчево, Пробиштип, Берово и Свети Николе. Фирмите најмалку плаќаат за кубик вода во Желино, а најскапо во Скопје.

 

Ирина Гелевска