Арм

Армијата е гарант на нашата безбедност

11.07.2024 12:32

Претседателката Гордана Силјановска Давкова како врховен командант на Армијата на Република Македонија, денеска присуствуваше на показната вежба на припадниците на Баталјонот на специјалните сили на Армијата. Притоа таа изрази задоволство од нивната подготвеност, капацитети и вештини посочувајќи дека нивниот професионализам треба да се следи во сите сфери на општеството …

Посакувам во сите области, почнувајќи од владеењето на правото, во развојот на демократијата, независното судство, во образованието да се достигнат стандардите што ги поседува Армијата. Ова откако имаше можност да види со какви капацитети и подготвеност располагаат припадниците на баталјонот на специјални сили на македонската армија го нагласи претседателката Гордана Силјановска Давкова.

Силјановска рече дека дури сега и е јасно зошто граѓаните на нашата држава имаат најголема доверба во Армијата.

„Горда сум што сум врховна командантка на овие луѓе, на нашите вооружени сили. Посакувам да нема потреба да бидат употребени, но знам дека оваа земја треба да се чувствува безбедно со вакви супер луѓе“, изјави Гордана Силјановска Давкова, претседател на РС Македонија.

Силјановска-Давкова и началникот на генералштабот на Армијата, генерал-потполковник Васко Ѓурчиновски имаат слични ставови во однос на враќањето на обврската за отслужување на воен рок.

„Треба да се отвори темата, треба да се разговара, треба да се чујат аргументите, треба да се тестира расположението кај луѓето и во таа насока да постапиме“, изјави Гордана Силјановска Давкова, претседател на РС Македонија.

„Сметам дека нема потреба во моментот да се избрзува за задолжително служење на воениот рок, тоа претседателката го кажа. За тоа времето ќе покаже, но ние не би требале да ги пратиме, нема апсолутно никакви опасности и ризици по националната безбедност да брзаме, да носиме одлуки како некои членки на Алијансата“, изјави Генерал-потполковник Васко Ѓурчиновски, началник на Генералштабот на АРМ.

Ѓурчиновски посочи дека треба да се мотивираат младите за доброволно служење на воениот рок, за што веќе има законски решенија.

 

Сашо Нелоски