Македонија

Пожарот од Пепелиште се прошири кон Конче, се гасне од земја и од воздух

11.07.2024 14:41

Активни пожари на неколку локации во земјава. Апели до граѓаните да внимаваат…

Пожарот од неготинско Пепелиште, преку планината Серта се прошири кон општина Конче. Се гасне од земја и од воздух. Дадена е препорака луѓето од околните села да ги напуштат живеалиштата и да се засолнат на безбедно.

Иако не постои опасност да ги зафати куќите, од Центарот за управување со кризи велат вдишаниот чад може да остави последици врз здравјето на луѓето.

„ЦУК препорача превентивно бидејќи се тоа повозрасни луѓе да се евакуираат. Не заради тоа што ќе се запалат куќите, најмногу заради тоа што ветерот го движи чадот ниско во селата и можат да имаат последици од вдишаниот чад. Но, еден повозрасен жител се инаети и одбил евакуација“, изјави Илија Бојаровски – Центар за управување со кризи.

Активни се пожари на неколку локации. Ер тракторите на Дирекцијата за заштита и спасување се вратени од сервисирање, на располагање се три авиони за гаснење шумски пожари. Има само еден пилот, се бара одобрување од владата да се ангажираат двајцата пилоти кои се пензионираа годинава.

„Имаме побарано истите да можеме да ги ангажираме и како што имаме информација владата набрзо ќе заседава и ќе одлучува за нивниот ангажман за да можеме истите да ги ангажираме за да може авио-одделението, односно ер тракторите да бидат оперативни и да можеме да ги користиме“, изјави Беким Максути – директор на Дирекцијата за заштита и спасување.

Топлотниот бран што ја зафати земјава ја зголеми опасноста од шумски пожари. Годинава се активираа неколку недели порано од вообичаено. Човечкиот фактор е најчеста причина за појавата. Надлежните со апел-граѓаните одговорно да се однесуваат во природа.

Андријана Ѓурческа