Раздвижено во Охрид - најбројни странските туристи
На 1 јули започна главната туристичка сезона на охридското крајбрежје. Во градот се чувствува летната раздвиженост, а во моментот најбројни се странските туристи, кои покажуваат огромен интерес за културното наследство. Најпосетен е Музејот на вода, кој од светски познатиот веб портал „Трипадвајзор“ го доби највисокиот сертификат за успешност. Од отворањето на Музејот до сега го посетиле над 222.000 туристи...

Охрид полека се полни со туристи. До 15-ти јули ќе доминираат странците од западноевропските земји по што приматот ќе го преземат годишноодморците од земјава и соседството. Хотелиерите најавуваат зголемување на бројот на туристите во споредба со лани.
„Очекувањата се дека оваа година во однос на посетеноста ќе имаме 10 проценти зголемен број на гости кои престојувале воопшто на територијата на Република Македонија“, вели Дончо Танески-Претседател на ХОТАМ.
Странците најголем интерес покажуваат за културното наследство, а во изминатите неколку години најголема атракција за нив е Музејот на вода, кој го доби највисокиот сертификат за успешност, што го доделува светски познатиот веб портал „Трипадвајзор“.
„Како најпосетена туристичка дестинација што конечно и се потврди претставува Музејот на вода во Охрид. Со овој податок што го имаме дека во Музејот на вода од неговото отворање па до денес влегле над 222.000 посетители“, рече Тања Бунташевска, Директор на Завод и Музеј-Охрид.
Добро спакуваната понуда, во која доминираат езерото, културното богатство и културните настани се вистински магнет за туристите.
Туристка за МТВ вели „Бевме во Охрид пред 2 години, многу ни се допадна и повторно сме овде“, додека пак друг турист констатира „градот е прекрасен“.
Не без причина овој наш крајезерски град го нарекуваат балкански Ерусалим.
Неисцрпните културни богатства на Охрид придонесуваат странците, пред се оние од Холандија да доаѓаат овде по два до три пати, особено по отворањето на авионската чартер линија.
Само на тој начин тие можат да имаат целосна слика за градот-музеј под Самоиловата тврдина.
Сашо Нелоски
