Мицкоски на повеќе билатерални средби во Вашингтон
Иднината на регионот е во борбата за посилна економија, соработка и создавање на иднина, информираат од владината прес-служба…

На маргините на НАТО Самитот во Вашингтон премиерот Мицкоски остварил повеќе билатерални средби и разговори.
Како што информираат од владината прес-служба, Мицкоски се сретнал со потсекретарот за политички прашања во американскиот Стејт департмент, Џон Бас. Соговорниците разговарале за стратешките интереси на државата, за македонските напори кои се насочени кон исполнување на истите, како и за интеграцијата и напредокот на регионот.
Борбата против организираниот криминал и корупција како и владеењето на правото се приоритети на новата Влада, нагласил Мицкоски на средбата и додал дека иднината на регионот е во тесна соработка на државите, и насоченост кон работите кои не обединуваат како и создавање на иднина која ќе донесе просперитет на сите.
Премиерот Мицкоски остварил средба и со претседателот на Чешка, Петр Павел, со кој разговарале за искористување на потенцијалите за економска и политичка соработка.
Мицкоски истакнал дека иднината на регионот е во полноправно членство во Европската Унија и дека на тој план се направени премногу отстапки и откажувања кои не се вреднувани до крај и дека кочењето преку неразумните спорови мора да престанат.
Мицкоски имал средба и со премиерката на Естонија, Каја Калас со која разговарал за интензивирање на соработката и поддршка на македонските ЕУ интеграции.
