Хрватска: Собрани потписи за референдум за кирилицата
Граѓанската иницијатива „Стожер за одбрана на хрватски Вуковар“ има собрано доволно потписи за распишување на референдум за двојазичноста...

Извештајот на хрватската Влада за спроведената проверка на бројот и веродостојноста на потписите на избирачи за распишување референдум, во јавноста познат како „референдум за кирилицата“, покажува дека граѓанската иницијатива „Стожер за одбрана на хрватски Вуковар“ има собрано доволно потписи за распишување на референдум за двојазичноста.
Овој извештај хрватската Влада денеска го упати до хрватскиот Сабор, кој што треба да одлучи дали до Уставниот суд да поднесе барање за оценка на уставноста на референдумското прашање или пак ќе одреди датум за референдум.
На седницата на Владата извештајот беше поднесен од страна на министерот за управа Арсен Баук, чие министерство заедно со Државниот завод за статистика било задолжено за проверка на потписи. Заводот, според Баук, утврдил дека се собрани над 526.549 веродостојни потписи, што ги задоволува законските критериуми од потребните десет отсто од вкупниот број избирачи.
Од почетокот на септември минатата година во Вуковар почнаа немири поради поставување двојазични табли со натписи на државни институции и на српски јазик и кирилично писмо. После тоа „Стожерот за одбрана на хрватски Вуковар“ иницираше распишување референдум за употреба на малцинскиот јазик и писмо во цела Хрватска.
