Мерко дозволил бесправно градење на објект, обвинение против 11 лица и една фирма
Побарале да го реновираат хотелскиот базен, но добиле одобрение да доизградат и отворена галерија и тераса со површина од 513 квадрати. Ова, како да не било доволно, па инвеститорот во струшкиот хотел „Дрим“ си изградил и затворен кат со апартмани и спа-центар, но и уште еден кат за ресторанот и помошните простории...

Побарале да го реновираат хотелскиот базен, но добиле одобрение да доизградат и отворена галерија и тераса со површина од 513 квадрати. Ова, како да не било доволно, па инвеститорот во струшкиот хотел „Дрим“ си изградил и затворен кат со апартмани и спа-центар, но и уште еден кат за ресторанот и помошните простории. Целиот габарит на просторот, обвинителството го премерило во 1.630 незаконски изградени квадрати.
Поради ова, 11-мина, меѓу кои е и струшкиот градоначалник Рамиз Мерко се соочуваат со кривична одговорност. Во поднесеното обвинение стои дека врз основа на проект од 2016-тата, барањето за реконструкција на базенот до општината било доставено три години подоцна, а градоначалникот наместо да го одбие или да дозволи реконструкција на базенот, му дозволил на инвеститорот да си направи доградби од над 780 илјади евра.
„Врз основа на вака незаконски издаденото одобрение, инвеститорот – обвинетото правно лице и управителот почнале изградба на објектот и наместо одобрениот кат – отворена галерија со тераса, извеле целосно затворен кат со хотелски апартмани и спа-центар, и уште една надградба – кат со затворен ресторански дел и помошни простории, како и дополнително изградена спојница – депанданс со стариот дел на хотелот“, соопштуваат од Обвинителството.
На кривична одговорност се повикани и општинските службеници, како и вештаци, градежници, архитекти и урбанисти кои давале лажни искази во постапката за бесправно градење. Тие сите отстапувања во градбата ги евидентирале како законски.
Анита Димитријевска – Велковска
