Македонија

Несогласувања за Договорот од Преспа

12.07.2024 12:08

САД ќе работат со двете страни да се одржат придобивките на Преспанскиот договор, велат од Стејт департментот. Грчкиот премиер Мицотакис пак, вели дека Грција нема да ги открие оружјата што ѝ се на располагање, доколку соседната земја продолжи со актуелната тактика...

Грчкиот премиер Киријакос Мицотакис ги информирал колегите во НАТО оти македонскиот премиер Мицкоски не го спроведува клучниот член од Договорот од Преспа, а тоа е името Северна Македонија да го употребува ерга омнес, односно внатре и надвор од државата.

Грција „нема да го открие оружјето со кое располага за да одговори на тактиката на лидерството на соседната земја“, вели Мицотакис, кој се надева дека властите во земјава ќе сфатат дека оваа тактика е целосно контрапродуктивна.

„Сметам дека на еден или на друг начин власта на соседната земја ќе сфати дека оваа тактика е целосно контрапродуктивна. Договорите мора да се почитуваат. Тоа е нешто што го нагласив вчера на пленумот на НАТО и тоа е нешто што мислам дека го разбираат и сите наши сојузници. Ние сакаме Северна Македонија да направи чекори кон европски пристап. Но, за ова предуслов е почитувањето на меѓународното право и почитувањето на договорите што земјата ги има потпишано. Верувам дека на еден или на друг начин, ова е нешто што раководството на Скопје ќе го сфати“, рече Мицотакис.

САД ќе работат со двете страни да се одржат придобивките на Преспанскиот договор, велат од Стејт департментот.

„Договорот од Преспа беше историско достигнување во отклучувањето на безбедносните придобивки во јужна и источна Европа. САД го поддржуваат овој витален договор, ја повторуваат важноста од почитување на истиот и ќе работат со сите страни за да ги одржат неговите придобивки“, изјавија од прес-службата на Стејт департментот.

Мицкоски изминатите денови во Вашингтон, во јавните изјави и објави на социјалната мрежа „Икс“ се служеше со Македонија. Премиерот објасни дека дома ќе ја вика државата Македонија, а надвор, во официјален контекст, со уставното име.

 

Миле Ристески