Официјално почна изградбата на автопатот Приштина-Блаце

03.07.2014 17:28

Денес официјално беше означен почетокот на изградбата на автопатот Приштина-граничен премин „Блаце“ на косовско-македонската граница, кој ќе биде именуван по почесниот претседател на Демократската партија на Албанците во Македонија, Арбен Џафери...

Со свечесноста организирана во селото Углар, Косово Поле, официјално беше означен почетокот на изградбата на автопатот Приштина-граничен премин „Блаце“ на косовско-македонската граница, кој ќе биде именуван по почесниот претседател на Демократската партија на Албанците во Македонија, Арбен Џафери.

На свеченоста беа присутни претседателот на Косово Атифете Јахјага, американската амбасадорка во Приштина Трејси Јакобсон, потпретседателот на македонската влада Муса Џафери, многу граѓани и претставници на политичкиот живот на Косово.

Почетокот на започнување на градежните работите на овој патен правец го означи косовскиот премиер во заминување Хашим Тачи.

„Автопатот ги поврзува народите на двете земји, на Косово и на Македонија, и многу е значаен за економскиот развој и се вбројува меѓу најзначајните приоритети кои ги презентиравме во „Новата мисија“ пред граѓаните на Република Косово“, изјави Тачи.

Тачи се заблагодари на американско-турскиот комзорциум „Бехтел-Енка“ кој ќе го гради автопатот.

Потпретседателот на македонската влада Џафери на свеченоста изјави дека овој пат го олеснува слободното движење на Албанците од двете страни на границата, но и на другите во регионот.

Според потпишаниот договор во изградбата на патот ќе бидат инвестирани 820 милиони долари, а работите треба да завршат на крајот од 2017 година. Овој патен правец се поврзува со автопатот „Ибрахим Ругова“ од границата со Албанија.