Здравство

Таравари: Мораториум на одредени специјализации и вработување на најдобрите пет студенти

12.07.2024 12:35

Специјализациите за кои има премногу кадри се ставаат под мораториум. Предност ќе им се дава на оние каде што е утврден недостиг. Најдобрите студенти нема да чекаат за вработување...

Вработување во државните болници, веднаш по дипломирањето, ќе им биде понудено на петте најдобри студенти од медицинските факултети во Скопје, Тетово и во Штип. Ќе се направат законски измени, за медицинскиот кадар да се задржи во земјава. Од идната година, здравствените власти се надеваат дека ќе можат да се вработат и по 10 најдобри студенти.

„Петте од Медицинскиот факултет во Скопје ќе бараат работа во некоја од клиниките или болниците во Скопје, петте најдобри дипломирани студенти од Тетово ќе побараат во Тетово и од Штип ќе побараат работа, ние да им понудиме во Клиничката болница во Штип“, вели министерот за здравство, Арбен Таравари.

Годинава медицина ќе изучуваат 200 студенти, квотите се исполнуваат, но одливот на кадар во западноевропските земји е голем.

„Со тој проблем тешко ќе се справиме. Како што се либерализираат политиките на странските земји за примање на нашите доктори. Но, ние треба да ги подобриме условите пред сè за вработување на дипломираните студенти, ние немаме проблем со студентите. Не ни заминуваат студентите, ни заминуваат дипломираните доктори“, изјави проф. д-р Светозар Антовиќдекан на Медицински факултет.

Здравствените власти одредени специјализации ќе ги стават во мирување, ќе се форсираат оние каде има недостиг од кадар – онкологија, радиологија, патологија, анестезиологија. Приватните специјализации ќе се намалат за 50 проценти.

Министерот Таравари идната недела ќе разговара со приватните специјализанти кои протестираа, барајќи зголемување на платите, здравствено осигурување и трајно вработување.

 

Андријана Ѓурческа