Самит на НАТО во Вашингтон

Поголема безбедносна соработка, Украина ќе добива воена помош

12.07.2024 12:36

Во Вашингтон е унапредена безбедносната соработка во триаголникот-НАТО со американскиот предводник, Европската Унија и Индопацификот. Украина ќе добива континуирана воена помош од 40 милијарди евра годишно, на Киев му е ветено членство во Алијансата. 32 членки на северноатлантската алијанса, меѓу кои е и Македонија, потпишаа билатерални или мултилатерални договори за безбедносна соработка...

Таканаречената „златна милијарда“ на западната демократија ја унапреди политичко-безбедносната соработка на дијамантскиот јубилеј на Алијансата во Вашингтон. Донесени се одлуки кои имаат за цел да ја одвратат руската агресија во Украина, но и да не се прелее војната во Европа, преку соседите на Киев. Во декларацијата од Самитот, НАТО се приспособува оперативно на можноста од поширок глобален конфликт.

„Заклучоците се столб за овозможување на победата на Украина. Сојузниците се договорија за НАТО-центар за поддршка и обука на украинските сили, со команда во Германија со персонал од 700 луѓе во Источна Европа. Ќе се превезува и ремонтира опремата за Киев, ќе ја координираме помошта. Договорот е на долготрајна основа“, изјави Јенс Столтенберг-генерален секретар на НАТО.

Во можеби најдолгата декларација по Втората Светска војна, се наведува-НАТО останува нуклеарна сила, военото засилување на Алијансата е најголемо досега. За таа цел се потпишаа и повеќе меморандуми за соработка. Македонија е стратегиски сојузник преку коридорот осум со Бугарија, Италија и Албанија.

Сепак, централна фигура на самитот е Зеленски. На Киев му е ветено членство во НАТО, кога-не е прецизирано, тоа ја става Алијансата во позиција на активирање на членот 5 за одбрана на сојузниците при напад.

„Пред сè, многу сме блиску до нашата цел. Следниот чекор ќе биде поканата, а потоа и членството. Сепак разбравме дека нема да бидеме членка на Алијансата сè додека е Украина во војна“, изјави Володимир Зеленски-претседател на Украина.

Самитот ќе остане запаметен и по извонредното угостување и работната агенда на американските домаќини. Форумот беше и можност за Бајден за чекор повеќе во кампањата за реизбор во Белата куќа. Остана забележан и по гафовите, кога ги замени Зеленски со Путин, потпретседателката Харис со Трамп.

„А сега сакам да ви го претставам претседателот на Украина, претседателот Путин. Претседателот Путин??? Него ќе го победиме, толку сум фокусиран на него да го победам. Дами и господа, претседателот Зеленски“, рече Бајден.

И додека во светот е во тек геополитичката поделба за можниот судир на цивилизациите, рускиот амбасадор во Вашингтон, Антонов оцени-земјите на НАТО појдоа по патот на конфронтацијата и се подготвуваат за војна. Во Украина војната трае 870 дена.

Зоран Богатинов