Образование

Јаневска: Ревизија ќе има на работењето на сите универзитети во земјава

12.07.2024 13:00

Министерката за образование Јаневска од Oхрид порача – ќе се чешла работењето на универзитетите во државата, ќе има и проверка, како некои студенти добиле дипломи. Најави дека процесот ќе почне од образовните институции од каде што ќе стигнат пријави за неправилност ...

Ќе има ревизија на работењето на сите универзитети во земјава, а тој процес ќе започне од образовните институции од каде што ќе стигнат пријави за неправилности. Ова при денешната посета на Охрид го рече министерката за образование и наука проф. д-р Весна Јаневска и во истовреме посочи дека ќе се прави ревизија и за тоа како некои студенти стигнале до диплома.

„Тоа е долг и макотрпен процес, но за сè што има пријава ќе се постапува, а веќе имаме. Па имаме еве за таканаречениот универзитет на Мерко, па имаме за еден друг универзитет државен, имаме за уште еден приватен. Штом ќе бидат готови ревизиите тоа ќе биде јавно објавено“, изјави проф. д-р Весна Јаневска-министерка за образование и наука.

Министерката Јаневска уште еднаш потврди дека опстојува на изјавата дека ќе има затворање на некои универзитети коишто не ги исполнуваат стандардите за нормално одвивање на образовниот процес.

„Дефинитивно стојам, тоа што не исполнува услови да работи. Гледате какви инвестиции правиме за да има услови за работа и да се стекнува образование и знаење, а ќе дозволиме нели таму каде што нема услови да се работи, тоа не, не“, изјави д-р Весна Јаневска-министерка за образование и наука.

На новинарско прашање дека Универзитетот на струшкиот градоначалник Рамиз Мерко, иако му е одземена дозволата за отворање на насока од областа на медицината, сепак има објавено програма за студенти кои сакаат да аплицираат, министерката Јаневска, рече дека тоа апсолутно не е можно и дека ќе биде проверено од Државниот просветен инспекторат и министерството.

 

 

Сашо Нелоски