Фудбал – СП Бразил 2014

Аргентина – Белгија, трето мундијалско продолжение

03.07.2014 17:55

Покрај изедначениот биланс на светските шампионати, Аргентина има и две пријателски победи над Белгија, па со 3-1 во меѓусебните пресметки ќе влезе во саботната, петта, на стадионот „Национал“ во Бразилија...

Искуствата не мора да се повторуваат, но сеќавањата ќе навиреат во пресрет на четвртфиналето меѓу Аргентина и Белгија. Тогаш Марадона, сега Меси, тогаш Кулеманс; Феркутерен, Пфаф, сега Азар, де Брајне, Куртоа. На Светското првенство во 1982-ра, во групната фаза, фотографија на која шест белгиски фудбалери се околу 21-годишниот Марадона, навести каков терор за противничките одбрани ќе биде аргентинската десетка. Белгија победи со 1-0, а Марадона го заврши Мундијалот со црвен картон против Бразил. Но во 1986-та, на стадионот „Ацтека“ Марадона го предводеше националниот состав до победа во полуфиналето над Белгијците со 2-0. Ги даде двта гола, вториот откако надмудри четворица противнички дефанзивци. Неподелено беше мислењето дека Диего Армандо Марадона ја однесе Аргентина до втората шампионска титула, со пет гола и со пет асистенции на турнирот во Мексико.

28 години потоа, Лионел Меси го прави истото. Досега запиша четири гола на тековниот Мундијал, не реализираше против Швајцарија во осминафиналето, но неговиот продор и додавањето до Ди Марија придонесе за минималниот триумф на крајот на второто продолжение. Меси создаде осум шанси против Швајцарија, а тоа е повеќе од неговите соиграчи заедно. Толку немаше ниту Марадона на натпревар од светско првенство.

Аргентина ги доби сите три меча во групата со разлика од еден гол. Против Босна и Херцеговина славеше со 2-1, против Иран со 1-0, а против Нигерија со 3-2. Седумте гола на четири средби можеби и не се спектакуларен ефект ако се има предвид со каков напад располага, но одбраната прими само три гола, а на два меча целосно ја сочува својата мрежа. Четврфиналната етапа се покажа кобна за „гаучосите“ во 98-ма, 2002-ра и во 2010-та, но доколку ја мине, Аргентина ќе игра прво полуфинале по 1990-тата. Тогаш стигна и до завршниот натпревар, но пехарот и припадна на Германија. Марадона не успеа да ја одбрани круната од 86-та и на својата репрезентација да и го донесе вториот шампионски пехар во само 12 години. Првиот Аргентинците го освоија пред своја публика победувајќи ја Холандија на Кројф во финалето во 78-ма.

Исто како и наредниот противник, Блегијците трипати победија во групата. Со Алжир 2-1, со Русија 1-0 и со Кореја 1-0, дадоа 4, а примија само еден гол пред осминафиналниот дуел со Американците. По него, пак, имаат гол-разлика 6-2. Победата од 2-1 по дополнителните 30 минути против Соединетите Американски Држави значеше прво четвртфинале за Белгија по 1986-та, а пресметката со Аргентина ќе им биде прво соочување со јужноамерикански ривал на собирот во Бразил. Белгија нема мундијалски трофеј, а 4-тото место од Мексико пред 28 години за неа е најдобар пласман.

Покрај изедначениот биланс на светските шампионати, Аргентина има и две пријателски победи над Белгија, па со 3-1 во меѓусебните пресметки ќе влезе во саботната, петта, на стадионот „Национал“ во Бразилија. Но Меси знае, а знаат и Белгијците дека духовите од пред две или три децении се само добра најава за сегашноста. Во претстојните 90 минути ке се гради иднината.