Сиљановска Давкова се обрати на отворањето на „Охридско лето“
Претседателката Гордана Сиљановска Давкова вчеравечер се обрати на свеченото отворање на 64-то издание на меѓународниот фестивал „Охридско лето“...

Претседателката Гордана Сиљановска Давкова вчеравечер се обрати на свеченото отворање на 64-то издание на меѓународниот фестивал „Охридско лето“, кој традиционално се одржува под покровителство на Претседателот на државата.
„Годинава сме сведоци на чудна симбиоза и синергија: Славиме осумдесет години македонска државност, но и осумдесет години Македонска филхармонија. Обновата на разурнатата татковина не била можна без духовна храна, без емоција, без креација, без страст, без љубов, како што вели мотото. Слободата ја поттикнала жедта за убавина и за среќа. Филхармонијата има голем придонес за ослободувањето на креативниот потенцијал на генерации композитори и музичари, чиешто творештво ни обезбеди заслужено место, не само на европската, туку и на светската карта на уметноста. Таа има чудесна сила да ги премостува разликите и да ги брише границите. Длабоко верувам дека културната дипломатија е далеку помоќна од традиционалната“, рече во својот говор претседателката Сиљановска Давкова.
На свеченото отворање уметничката порака ја пренесе македонскиот виолинист Владимир Костов, концерт мајстор во Македонската филхармонија и професор по виолина на Факултетот за музичка уметност. Свое обраќање на отворањето на фестивалот имаше и министерот за култура, Зоран Љутков.
Годинешното издание на фестивалот „Охридско лето“ беше отворено со настапот на светски познатиот виолинист од Литванија, Џулијан Рахлин, во придружба на Македонската филхармонија.
