Околу 12.000 Македонци летово работат на хрватското приморје
Земјата се соочува со недостиг на работници. Во летниот период проблемот се зголемува заради заминувањето на сезонска работа, најмногу во Хрватска и Италија. Околу 12.000 Македонци ова лето заминаа на работа во Хрватска…

Неколку пати неделно полни автобуси од источниот регион заминуваат за Италија и Хрватска. Патниците се претежно млади кои летово работат или на плантажите во Италија или во угостителството во Хрватска. Велат дека работата е тешка, но добро се плаќа.
И ова лето голем е интересот за сезонска работа во Хрватска, каде лесно се добива работна виза со оглед на големата потреба од работници таму во летниот период. Од агенциите за посредување при вработување велат дека заминуваат невработени, но и вработени лица кои земаат неплатен одмор и одат на сезонска работа за дополнителна заработка.
Проценките се дека на Македонија ѝ недостигаат околу 10.000 работници, главно во градежништвото, угостителството и земјоделието. Во летниот период мака со недостиг на кадар имаат и пекарите, такси компаниите и превозниците.
Славица Величковска
