Хонг Конг

Македонија по инвестиции во Азија

03.07.2014 18:59

Пред компании од кинескиот специјален административен регион беа претставени инвестициските можности, атрактивниот даночен пакет, добрата бизнис – клима, поволностите во слободните економски зони. Дел од бизнисмените најавија посета на земјава...

Владата тргна по инвестиции во Хонг Конг – еден од најголемите финансиски центри. Пред компании од кинескиот специјален административен регион беа претставени инвестициските можности, атрактивниот даночен пакет, добрата бизнис – клима, поволностите во слободните економски зони. Дел од бизнисмените најавија посета на земјава.

„Мислам дека со посетата ќе добијам повеќе информации за земјата, за народот, за местоположбата, за економската ситуација. Со нетрпение ја очекувам посетата на Македонија“, изјави Џени Шу, генерален менаџер на „Ориентал Оверсис“.

Премиерот Груевски на бизнисмените од Хонг Конг им објасни дека во првите 10 години од работењето во слободните економски зони, целосно ќе бидат ослободени од плаќање данок на добивка и персонален данок на доход, но и од ДДВ и царина за суровините потребни за производствениот процес.

„Во Хонг Конг имаме низок данок, споредено со азискиот регион, но кога слушнав за даночниот пакет што го нудите, за персоналниот данок на доход и за данокот на добивка, мислам дека сте апсолутно конкурентни. Ова е многу атрактивен даночен пакет за привлекување странски инвеститори во вашата земја“, рече Рики Чау, бизнисмен.

На бизнис – форумот имаше менаџери  на компании од секторите: електроника, телекомуникации, транспорт и логистика, но и претставници на инвестициски фондови. Тие го освојуваат светот, но гладни се за нови пазари.

„Хонг Конг е област во која растат трошоците за компаниите. Од тие причини, фирмите од Хонг Конг бараат локации во Европа каде што ќе можат да го пласираат својот бизнис, по многу пониски трошоци, а во исто време да имаат пристап до европскиот пазар. Македонија е земја која го нуди тоа“, нагласи вицепремиерот и министер за финансии, Зоран Ставрески.

Владината делегација, посетата на Кина ќе ја заокружи со средба со менаџментот на „Веибо“ групацијата, која најави дека ќе инвестира во земјава и дека ќе отвори 5.000 работни места.

Мартин Пушевски