Културниот туризам и иселениците – двигатели на повеќе битолски сектори
Иако Битола нема езеро, е меѓу ретките наши градови кои во летниот период наместо да се празнат, се полни. Културниот туризам и доаѓањето на иселениците создаваат финансиски бенефит за повеќе сектори, посебно угостителско-сместувачките капацитети кои на моменти се недоволни да се сместат сите гости па се користат капацитетите и од околните општини…

Густиот распоред на еминентните интернационални културни манифестации и иселеничкиот копнеж во лето да се посети родната грутка, не само што го полнат градот, туку продуцираат солидни финансиски приходи за повеќе дејности.
Општинските статистики велат дека минатото лето Битола ја посетиле околу 75.000 гости. Годинава половина од таа бројка е евидентирана само до крајот на минатиот месец. Вистинскиот наплив само што започнал.
Никола Трпеновски, сопственик на угостителско-сместувачки капацитет вели тоа е период кога се бара легло повеќе, а и во ресторанскиот дел дневниот промет е за неколку пати поголем, што е доволно да се покријат и нерентабилните месеци.
Финансиски бенефити бележат и издавачите на станови, ситната трговија кафулињата, стоматолозите, такси компаниите. Но, она што општината го инкасирала на име на туристичка такса од година во година е во пораст.
Приходите по основ на туристичка такса би биле двојно поголеми и би повлекле нови инвестиции во сместувачки капацитети, доколку конечно започне стратешки да се работи-како огромниот број на турски туристи се задржат барем една ноќ да ноќеваат во градот, каде се школувал Мустафа Кемал Ататурк, велат угостителите.
Стевче Митревски
