Борба со огнената стихија, пет активни пожари во земјава
На петте активни пожари, интервенираат и хеликоптери на армијата и на полицијата, како и авионите на Дирекцијата за заштита и спасување. Пожарот на планината Серта неготинско го гаснат стотина луѓе, меѓу нив и 56 пожарникари од четири града…

Во Македонија активни се пет пожари. Од 26 колку што беа регистрирани во текот на вчерашниот ден, најголемиот дел-21 се локализирани. За 12 дена од месец јули, во Македонија имало вкупно 173 пожари на отворен простор, од поголеми размери, соопштија од Центарот за управување со кризи. Од петте денес активни, во два случаи гори борова шума.
Како помош за гасење на пожарите вклучени се еден армиски хеликоптер и еден полициски. Авионите на Дирекцијата за заштита и спасување се на терен на планината Серта, неготинско каде се и стотина луѓе, од нив 56 пожарникари од Неготино, Кавадарци, Гевгелија и Свети Николе и девет возила цистерни. Попладне авионите на Дирекцијата ќе интервенираат на пожарот кој зафати шума од планината Огражден.
Во текот на вчерашниот ден, пожар е регистриран во прилепско кај село Црнилиште, кој е и денес активен, а бидејќи се заканувал на пругата помеѓу Гостиражни и Прилеп, интервенирал и противпожарниот воз на Македонски железници.
Петар Печков
