Екстремно високи температури низ Европа
Со екстремно високи температури зафатени и централните и јужните делови на Европа. Властите во метрополите издадоа предупредувања за заштита од топлотниот бран. Граѓаните бараат спас во климатизирани простории и базени. Метеоролозите предупредуваат дека температурите биле повисоки дури и од официјално пријавените. Климатските промени виновни за пеколните горештини, бурите и пожарите, став на експертите…

Топлотниот бран што зафати делови од централна и јужна Европа вклучително и Балканот предизвика тешкотии во секојдневието. Жешкото време веќе зафати и големи делови од Русија. Во Соединетите држави речиси 130 милиони се соочија со опасно високи температури. Граѓаните бараат спас во климатизирани простории или на блиските базени и фонтани.
„Се обидувам да најдам начини да се разладам, да престојувам на места со системи за климатизација, но и тоа е дел од проблемот. Ова не е природно, и покрај тоа што е лето, оваа топлина апсолутно е неприродна“, вели турист во Италија.
„Дојдовме од Доха, таму е потопло, но и овде ни е многу топло, па затоа јадеме сладолед“, додава корејски турист.
Властите во Европа издадоа низа предупредувања за заштита од екстремните горештини. Во неколку европски метрополи прогласен црвен метеоаларм. Топлотниот бран продолжува и викендов. Метеоролозите велат дека температурите биле дури и повисоки од официјално пријавените во големите градови.
„Најтешко е кога сте на отворен простор, каде што нема сенка и навистина ја чувствувате топлината на асфалтот која ве удира право во лице. Не е толку тешко додека се движите, издржливо е. Купив очила за сонце и капа за да го намалам ефектот на топлината“, вели жител на Романија.
Изминатиов период, сувото и топло време предизвикаа пожари во Грција, Чешка, Полска, Албанија. Синоќешното невреме пак, остави хаос во југозападниот дел на Словачка. Железничкиот транспорт беше прекинат во некои делови, додека градовите и селата известија за прекини на електричната енергија.
„Кровот над поштата се откина како фолија. За неколку минути додека се урна. Работниците ги решаваат итните случаи на местата каде што нема струја, некои делови се целосно исклучени“, изјави Петер Маренчак, началник на општинската полиција во Словачка.
Експертите велат дека климатските промени донесоа исклучително тешки временски промени, се понепредвидливи бури и топлотни бранови.
Маријана Димовска
