Бојчевски: Здравствените работници работат во несоодветни услови
Во Скопје, пет возила на Итната медицинска помош опслужуваат над 600 илјади граѓани. Условите во кои работат здравствените работници во земјава не се на завидно ниво. Боби Бојчевски од Независниот синдикат на здравствените работници вели дека доопремувањето на установите ќе биде една од темите на средбата со министерот Таравари која треба наскоро да се случи…

Први се кои ни даваат помош, а на температури над 40-от целзиусов степен се изложени и самите. Тешко е и за оние кои ги добиваат повиците и кои треба молскавично брзо да ги распоредат екипите на Итната медицинска помош, затоа што во главниот град со пет возила опслужуваат над 600.000 жители, што е катастрофално и нехумано, вели за МТВ нивниот синдикален лидер Бојчевски.
Условите во кои работат не се завидни и за речиси половина од здравствениот кадар во земјава кој работи во неклиматизирани простории и на овие горештини.
Бојчевски смета дека и барањата за нови возила и доопремување на установите ќе бидат дел од разговорот со министерот Таравари со кого очекуваат да се сретнат наскоро и од кого имаат големи надежи за решавање на состојбите.
Фиљана Кока
