Македонската и Бугарската телевизија ќе потпишат договор за бесплатно емитување на програмите
Денеска во Охрид, генералниот директор на МРТ, Марјан Цветковски и на БНТ, Вера Јанкова, ќе потпишат договор со кој взаемно се согласуваат нивните програми да се емитуваат на териториите на двете држави...

Програмите на Македонската радиотелевизија и на Бугарската национална телевизија ќе се емитуваат на териториите на двете држави. Денеска во Охрид, генералниот директор на МРТ, Марјан Цветковски и на БНТ, Вера Јанкова, ќе потпишат договор со кој взаемно се согласуваат нивните програми да се емитуваат на териториите на двете држави.
Постигната е согласност и правото на реемитување на кабелските оператори да им биде отстапено бесплатно. Претставници на БНТ истоврмено ќе потпишат и први договори со десетина македонски кабелски реемитувачи со што сателитската програма на БНТ ќе биде ставена во нивната понуда.
Идентична процедура наскоро ќе биде реализирана и во Софија со дел од кабелските оператори во Бугарија што ќе го добијат правото на преземање на сателитската програма на Македонската телевизија.
Овој договор е резултат на првата неформална дебата на дваесетина афирмирани новинари и медиумски експерти од двете држави што во Скопје ја иницираше Македонско-Бугарската Стопанска Комора (МБСК).
Во директната реализација на оваа идеја за јакнење на пријателските врски меѓу државите се вклучија и претседателите на советите за медиуми на Бугарија, Георги Лозанов и на Македонија, Зоран Трајчевски.
По потпишувањето на договорот меѓу БНТ и МРТ ќе продолжи дијалогот околу можностите за зеднички телевизиски проекти на бугарскиот и македонскиот јавен сервис.
