Голем интерес за народната кујна во Куманово
Над двесте кумановци се пријавиле за оброк во рамки на проектот Народна кујна кој започна да се спроведува во Куманово. Но, правото засега ќе можат да го користат само 70-ина.

Над 200 кумановци кои спаѓаат во категоријата социјално ранливи, изразиле интерес да добиваат секојдневен оброк од народната кујна, проект кој започна да го реализира секторот за социјална заштита при Општина Куманово. Оброкот се подготвува и доделува во просториите на ученичкиот дом „Професор Мијалковиќ“. Интересот велат од секторот е голем, но дел од граѓаните ги немаат неопходните документи. Службите дополнително ќе се ангажираат да ја обезбедат за да им помогнат на најсиромашните граѓани.
„Заради протоколот на ученичкиот дом нивна сигурност и на граѓаните, храната ќе биде пакувана и ќе им се доделува“, истакна раководителот на Секторот за социјална заштита, Александар Крстевски.
Од Центарот за социјални работа се прибираат информации за лицата кои веќе поднесуваат барања за јавната кујна. Има и резервна листа на граѓани кои имаат потреба за оброк.
Освен оброкот овде во Куманово функционира и дополнителна кујна којашто е во рамки на Центарот за социјални работи. И таму интересот за оброк е многу голем.
Храната корисниците ја подигаат од 10 до 12 часот. Дополнително во наредниот период ќе се разгледа можноста процесот и правната рамка за аплицирање да бидат поедноставни.
Елена Георгиевска
