Екологија

Двете лица на Охрид

14.07.2024 11:44

Охрид во текот на летото има две лица. Она убавото го претставуваат прекрасното неколку милиони старо езеро, древниот град со бројни културно историски споменици, убавите ресторани и хотели, ноќните културни и забавни настани. Другото лице на градот може да се види главно во раните утрински часови кога комуналните работници го расчистуваат отпадот кој низ градот го расфрлаат несовесните граѓани и туристи…

Охрид е една од најатрактивните дестинации на Балканот, но за жал статистичките податоци велат дека просечниот престој на гостите е едвај два дена. Древниот град заслужува многу повеќе, ќе рече професорот Зоран Тунтев кој образувал многу генерации туристички водичи. Вели дека на секој турист би му препорачал да дојде тука поради микроклимата, да се разладува во езерото, да го следи фестивалот Охридско лето, да вкуси пастрмка, да нурка и да лета со параглајдер при што ќе може да види две езера. Сепак без посета на најзначајните духовни храмови впечатокот не би бил потполн.

„Туристите мора да ја посетат Богородица Свевидевша Перивлепта, мора да му се поклонат на Светиот Климент, со челото да го допрат саркофагот за повеќе мудрост. На тој начин стануваат ходочасници и мора да одат во манастирот Свети Наум да го слушнат срцето од Светиот Наум. На тој начин тие се дел од приказната за православниот Ерусалим“, изјави проф. д-р Зоран Тунтев – Факултет за туризам и угостителство Охрид.

Сепак идеалната слика за Охрид ја нарушуваат несовесните граѓани и туристи со ниска еколошка свест кои фрлаат отпадоци насекаде низ градот и долж крајбрежјето. И покрај тоа најголемиот број од гостите заминуваат со прекрасни впечатоци.

„Ни се допаѓа, многу е убаво овде. Јас сум од Словенија“.

„Воодушевени сме. Мислевме дека е добро, но сега видовме дека е подобро од тоа што го замислувавме“.

„Охрид оди нагоре како дестинација и хигиената се поправа паралелно со тоа“.

„Па да ви кажам добро се одржува хигиената“, велат туристите.

Надлежните велат дека вложуваат максимални напори градот да биде чист, но без соработка од граѓаните и гостите таа мисија е невозможна.

„Во утринските часови се соочуваме со една грда слика која граѓаните не ја гледаат, бидејќи знаете дека почнуваме уште во 5 часот со третирање, односно справување и чистење на градот. Се соочуваме со една слика на расфрлан комунален отпад на сите страни“, изјави Стевчо Маслов- ЈП „Охридски Комуналец“.

Се чини дека единствено решение за македонскиот бисер да биде чист е воведување на комунална полиција како во многу други европски градови која неселективно ќе ги казнува несовесните лица.

Сашо Нелоски